Македонија. Лидер во развојот на IT глупавоста

Слушам од високи извори на Владата на државава ни наша напатена ќе сме станувале лидери во IT индустријата.

За жал сеуште останавме држава која спроведува некоја нелогична и крајно неразбирлива интернет диктатура од причини познати на којзнае кој. Како прво и основно не се станува лидер во IT индустрија кога за регистрација на обична интернет адреса од типот moja_adresa.com.mk е потребно да се пополни формулар на хартија. Мислам каде е логиката на сето тоа? Интернет адреса да неможе да се регистрира на интернет? Но тука не е единствениот проблем. Моронски закон донесен којзнае пред колку децении од којзнае кој не дозволува да регистрирам адреса која би гласела на физичко лице. Значи во државава ни наша демократска не е дозволено приватно лице да регистрира интернет адреса. Лажам. Дозволено е доколку сакате вашата адреса да гласи imeprezime.name.mk. ?!?!?!?! Замислете само, добивате подадреса (subdomain) за цена на адреса. Ова го нема ниту во Узбекистан, а слушнав дека таму владее некоја диктатура. Значи ако сум јас познат светски уметник (од било кое поле) и потекнувам од Македонија ќе ми треба и фирма за да можам да си регистрирам проста адреса од типот imeprzeime.com.mk. Ова го нема ниту во Уганда, а слушнав дека таму интернет користат само 1% од населението. Процедура која трае со денови и зошто? За интернет адреса со мк наставка. Ништо чудно што многу луѓе, фирми од Македонија се определуваат за глобална (.com .net) адреса.

Што ли само помислуваат странциве за нашава држава со план да стане лидер во IT технологии, а во исто време спроведува брутална забрана на регистрирање интернет адреси (која попат кажано е противуставна) и неколкудневно трчање, пополнување формулари (на хартија), потоа регистрирање на подадреси со пополнување формулари (на хартија). Што само помислуваат кога насекаде низ светот регистрирање на адреса е слободно за секого и се врши преку интернет. Што ли само помислуваат кога ќе го погледнат дизајнот на МарНет (фирмата која го врши регистрирањето на интернет адресите) кој изгледа како да го правело дете од 6 години или возрасен човек пред неколку децении.

Но еве да речеме дека имате фирма и време за трошење и некако сте успеале да регистрирате наша интернет адреса.
Сега ви треба хостинг. Секако како реномирана фирма (затоа што македонски домен подразбира еден човек од фирмата да ви биде вработен само за потребите на доменот, на пример: да чека, да пополнува формулари, да пријавува нови подадреси, да трча, и најверојатно да се нервира) се упатувате кон реномирана фирма која нуди хостинг планови (МтНет на пример). Прво нешто што ќе забележите е цената од 49.000 денари. Ако сте биле доволно дрзок да проверите како стојат цените за хостирање низ светов тука би бил мигот кога ќе прснете од смеење затоа што добро ќе знаете дека она што го добивате на светскиот пазар вреди околу 2000 денари. Или ако сте попаметен ќе ги кренете рацете во воздух и ќе причекате да ве прашаат зошто го правите тоа, а тогаш ќе одговорите дека ако веќе ве ограбуваат барем да го направат тоа како што треба. Потоа ќе прснете од смеење. Ако не сте од оние дрските кои проверуваат цени на светски пазари тогаш ќе бидете опљачкани. Секако ќе можете да се правдате дека серверот е тука блиску и затоа е побрз за 0,0000000082 секунди, а и грижата за корисници е беспрекорна. Впрочем имаат и бесплатен телефонски број. Кој за жал ќе го користите многу повеќе отколку што е потребно. Не, не затоа што ќе имате премногу проблеми туку затоа што хостирањето во Македонија е толку напредно што база на податоци е возможно да се креира само преку телефон. Заборавете на идиотските странски решенија кои се базираат на неколку клика или еден ред текст. Единствен начин да креирате база е преку телефон. Плус тоа Вашата лозинка ќе биде прилично побезбедна од онаа на странските сервери затоа што ќе ја знае само операторот (и сите останати од администрацијата) додека на странски сервер безобразно Ви е дозволено да ја знаете само вие. Единствено што не е на телефон е FTP пристапот ако не ви пречи Вашата лозинка да ја знаат уште дваесетина луѓе.

Лозинката од сефот сеуште не ја бараат меѓутоа каква им е политиката нема да ме зачуди во иднина да биде неопходна.

Уште една нелогичност би била цената на windows и linux хостирањето. Секаде во светот е сосема нормално windows хостингот да е поскап затоа што се плаќа оперативниот систем додека linux е поефтин затоа што оперативниот систем е бесплатен. Не и во Македонија. Па да, нема никаква потреба од корекција на цената затоа што ионака се оди на заработка 1000 пати поголема што ситна корекција од стотина денари поефтин линукс пакет би била смешна.

Сигурно чекориме кон лидери во IT глупавоста.
Не, лажам. Ние сме веќе таму.

Па, барем во нешто сме лидери.

И така физичко лице во Македонија е приморано да регистрира македонска адреса во странство. Иронично но вистинито, а за таа услуга ќе платат 130 $ годишно. Ете така се развива IT индустрија.
Не ви се верува дека македонска адреса можете да регистрирате во странство како физичко лице, а не во Македонија? Проверете на: http://www.rwgusa.com/com_mk.htm

Tags: , , , , ,

Нема Одговор

Одговори на овој пост:

Име *

Епошта *

URL