Двокатни автобуси

avtobusiДодека сите влади во свет гледаат да ја потпомогнат домашната индустрија нашата влада гледа да лапне провизија. Така германската влада нуди 2.000 евра за секој германец што ќе купи германски автомобил, француската влада дава пари на автомобилската индустрија под услов да не отпуштаат вработени, нагласувајќи дека ова важи само за фабриките во Франција - за фабриките во другите држави во кои работат луѓе кои не се французи воопшто не им е галје - САД даде огромни суми на америчките компании, од кои голем дел отиде за Генерал Моторс кои покрај сета помош пропаднаа (можеби затоа што од парите добиени за помош си делеа бонуси).

Како и да е низ светот милион примери во кои владите ги помагаат своите фирми, им даваат пари, им даваат стимули, им овозможуваат да опстојат.

Во Македонија? Во Македонија има фабрика за автобуси, а на никој од владава не им текна дека автобусите може да ги набават од наша фабрика. Некои ќе речат цената била повисока за некој милион. Па што! Франција, Германија, САД, Англија, сите даваат пари на нивни компании - ние само треба да купиме од наша компанија. Да неколку милиони можеби повеќе ќе платат ама затоа ќе го зголемат бруто националниот производ, ќе обезбедат работа за луѓето, за македонските граѓани. Во време на рецесија, во време на економска криза владата не треба да се ценка.

Како беше она „Купувајте македонски производи - за наше добро.“ Интересно како владата која го промовираше овој слоган не се придржува до она што самата го пропагира. Како да ја гледам таа влада која збори едно - прави друго. Како да ја гледам владата кога во период кога најмногу треба таа се свртува кон други, го гази она што го збори, а од друга страна очекува народот да го прави тоа што таа го кажува но не го прави.

Јас да сум Влада не би купувал автобуси, не би објавувал тендери. Би отишол директно во ФАС 11 Октомври и би им ги дал сите градски линии. Тие ќе треба само да испочитуваат 2 услови. Да стартуваат за одреден период (да речеме 1 година) со одреден број на автобуси (да речеме 300) и да ги вработат луѓето од ЈСП Скопје. Така владата нема да потроши пари, луѓе нема да бидат отпуштени, ќе се обезбеди домашно производство на автобуси, и ќе се затвори еден загубар кој ионака нема финансии да опстане, а и неретко имало скандали во нивната политика. А да, уште една работа, треба да се воведе нов закон: Автобуси постари од 15 години не смеат да учествуваат во јавен превоз. Ионака се тешки загадувачи и го кочат сообраќајот.

Некој ќе рече: Зошто па ФАС 11 Октомври да ги добие линиите? Затоа што произведува автобуси и затоа што има услови нон-стоп да го обновува возниот парк и затоа што е единствено решение кое може да донесе пари во владата (Владата може да им продаде линии и од тоа да се опари, или градот Скопје, како и да е пари се влеваат наместо да се одлеваат).

Би и го порачал на владата она што таа го пропагира: „Купувајте македонски производи - за наше добро!“

Tags: , , , , , , ,

Нема Одговор

Одговори на овој пост:

Име *

Епошта *

URL