Проект Венера

Денес видов еден пост на блогерај за проекција во Битола на вториот дел од еден филм кој сметам дека е толку добар што го имам ставено и на мојот блог (тука). Ама ете за вакви филмови ретко се слуша, а уште помалку се знае па дури сега сосема случајно дознав дека ете направиле и втор дел(кој го симнав и само што го изгледав), а како што подоцна на официјалната страна приметив веќе спремале и трет дел.

Филмовите што го зборам се: Zeitgeist: The Movie (2007 гоодина) и Zeitgeist: Addendum (2008 година). И двата филмови се бесплатни, може да се симнат во DivX или DVD формат, да се дистрибуираат, да се прикажуваат. Впрочем за активисти има дури и PDF програма на организацијата и дополнително DVD кое служи за презентации.

Филмовите можете да ги погледнете на Revolucija.org/film.

За зачленување одете на оваа адреса: www.thezeitgeistmovement.com.

Малку името им е несреќно одбрано, тешко изговорливо и уште потешко за памтење.

До сега овој пост нема никава врска со насловот но полека стигнуваме и таму. Во вториот филм последните два дела се посветени на The Venus Project во кои зборува и самиот креатор на тој проект Жак Фреско.

Јас во суштина сум идеалист и сакам вакви движења, организации и проекти. Меѓутоа едно нешто страшно ме нервира. Жак прокламира градење на нов систем, наводно негова идеја, ама тој нов систем страшно ме потсеќа на еден стар систем кој се вика анархија. Тоа и не ме нервира толку. Впрочем сигурен сум дека Жак одбрал ново име, несакајќи да го користи старото затоа што тоа име (анархија) толку е демонизирано, а неговото значење толку изманипулирано да користење на тоа име за некој идеолошки проект (кој се базира на истата таа анархија) е осудување на пропаст на самиот проект. Не, тоа не ме нервира. Ме нервира тоа што за фунционален систем треба многу, многу, многу страници текст. Објаснувања како тоа ќе функционира, зошто би функционирало, а на страницата на овој Венера Проект има едвај 20 страници текст. Маркс за комунизмот напиша илијадници. Дури и за анархијата има многу повеќе текст. Ама ете за овој проект нема. Друго нешто што ме нервира е логичката недоследност на креаторот на овој проект особено искажана во филмот.

Приказната оди вака:

Технологијата ќе ни овозможи се да автоматизираме. Ќе нема потреба никој да работи. Ќе нема пари за кои ќе робуваме. Се што ќе треба да се прави е интелигентно менаџирање на природните ресурси. Образованието ќе биде неспецијализирано за луѓето да имаат пошироки видици.

До тука е се супер. Но веднаш се запрашувам: што ако машина се расипе? Кој ќе ја поправи? Па… најверојатно друга машина која поправа машини. Но што ако и таа се расипе? Па… има други машини. Но што ако сите тие се расипат? Невозможно. Но што ако? Кој тогаш ќе ги поправи машините? Па… луѓе. Но како кога никој не работи? Некој ќе поработи малку. Но како ќе знае што треба да работи? Па… ќе биде едуциран. Но како ќе знае за роботи, машини, за тоа треба специјализација, а во овој систем сите се едуцирани општо? Па… ќе има понекој едуциран специјалист. Тоа значи дека сите нема да имаат еднаква едукација? Па… да. Нели овој систем беше за еднаквост? Па… еднаквоста не се губи само мора некој да знае да поправа машини. Ај ќе ја баталам еднаквоста, но што со напредокот, како ќе напредуваме со општо образовани луѓе? Па… ќе бидеме доста развиени. Дали тоа значи дека со усвојување на ваков систем би сопрел и технолошкиот развој? Па… нема да ни треба понатамошен технолошки развој, ќе се посветиме на интелектуалниот….. Кој ќе ги менаџира природните ресурси ако никој не работи? ….. И вака може до бескрај. Ама може затоа што проектот воопшто не е поставен на здрави нозе, ниту пак имаат смилено некаков систем на организација и работа. Се што имаат е куп идеи од кои некои и не одат рака под рака. Јас сум за сличен систем ама само добро проектиран, со предвидувања за сите можни ситуации и солуции за истите. Тоа е проект. А не 20 страници нафрлани идеи кои колку и да звучат добро се додека не се врзат во функционална мрежа ќе бидат само идеи и тоа најчесто исмевани.

Но ни тоа не е нешто што најмногу ме нервира. Најмногу ме нервира тоа што пресметале дека најмногу криминалци се од сиромашни краеви и семејства - логички сиромаштијата ги натерала на криминал. Но да претпоставиш дека ако истребиш сиромаштија автоматски ќе снема криминал треба да си многу голем оптимист. Што со дечкото што ја уби девојка си и себе си пред некој ден? Тоа е криминал од љубомора, не од сиромаштија. Што со тој криминал?

Слобода? Каква е таа слобода? Постои ли аполутна слобода? Овој систем ветува слобода, исто како и анархијата. Но дали пости апсолутна слобода. Според мене не. Еве и зошто.

Хипотетички: Година 3000, светот живее во замислите од проектот Венера или анархија. Се е супер само има еден проблем. Премногу жители на земјата и мора да се стави контрола врз растот на популација зошто во спротивно ќе нема ниту храна ниту место за сите. Што тогаш? Ако сум апсолутно слободен можам да имам 5 деца. Ама ако имам повеќе од едно ќе пропадне светот гледано долгорочно. Во право се сите што ќе решат дека никој не смее да има повеќе од едно дете. Пред се за да опстои човештвото. Но што тогаш со слободата? Тогаш јас не сум слободен да имам колку деца сакам.

Гледате како во ваква ситуација мошне е тешко да се бара слобода или да се брани. Што е слобода? Да дозволам да пропадне светот затоа што секој треба слободно да прави деца онолку колку што сака?

Вакви судари може да се појават многу.

Е сега некој кој ги гледал филмовите и ме читал и друг пат ќе се запраша: Како може овој во исто време да брани национализам, да бара Македонија да стане понационалистичка, а од друга страна да се залага за човештво без раси, нации и било какви други поделби? И како може да не му пукне главата од две толку спротиставени мисли, од два толку спротиставени ставови?

Одговорот е мошне прост. Јас сум идеалист, сакам да верувам дека еден ден човекот ќе сфати дека пред се е човек, дека нација и раса не се битни… ама знам дека живеам денес во Македонија, во свет во кој национализамот е прв и основен, во свет каде што се водат војни, каде што е битно од која раса си, каде што е битно од кој социјален слој си.

Затоа се залагам за патриотизам, за национализам, за Македонија, за македонецот. А за другите повисоки идеали… рано е за тоа. Потребни се уште најмалку 2-3 века за човекот да достигне повисоко ниво на свест. Иако економската криза (поточно нејзината ескалација) ми дава надеж дека се може да се смени многу побрзо. Мала надеж ама…

Подобар свет да, ама се дотогаш приоритет ми е Македонија.

Ете како два спротиставени ставови може да опстојат во мојата глава. Временски се разграничени. Едниот е за сега, другиот за неколку векови подоцна, можеби и милениум подоцна, можеби и никогаш.

Tags: , , , , , ,

1 Одговор

Весна

Септември 25th, 2009 во точно 14:45    

avatar

Секој со нормална интелигенција си ги поставува истите прашања, но не е лошо како идеја која може да се развива во неколку насоки, да речеме од монетаризам да се премине во технократизам или слично. Значи идејата треба да си живее иако мене ми наликува повеќе на идејата за комунизмот, но и таа идеја живее доволно долго и се разбира, претрпува измени во склад со новите околности. Во секој случај звучи утешително и со задоволство ги гледав двата посочени филма. има многу да се дискутира околу тоа… Поздрав

Одговори на овој пост:

Име *

Епошта *

URL