Прв Контакт
Си беа едни многу напредни луѓе и си беа земјани.
Луѓето потекнуваа од место што не им беше познато на земјаните затоа што ни со најголемиот телескоп што го беа изградиле не можеа да ги видат сонцата што се на пола пат од планетата на луѓето.
Луѓето ги запознаа земјаните откако бродот им се оштети од влетување со огромна брзина во поле со астероиди, прилично големо поле со астероиди би рекол.
Немаа избор, едноставно мораа да се запознаат со земјаните. Мораше да паднат на земјата, а екипажот можеше само доволно да го ублажи падот за да не го оштети премногу леталото.
Земјаните не можеа, а да не приметат. Прва дојде војската, а потоа дојдоа сите. Доктори, политичари, пациенти, религиозни фанатици, репортери, вооружени до заби будали, кловнови, лингвисти… И покрај изнемоштеноста и повредите од падот луѓето издржаа се за конечно да се разбрерат.
Земјаните сакаа да прослават. Запалија пури, свеќи, пиеа шампањ, вино, пиво, виски, ракија и полусвесни решија да си направат happy огномет. И си направија.
Луѓето се смееа. Еден од нив стана, влезе во бродот и си направи муабет со компјутерот. Компјутерот беше весел. Ќе го направам најголемиот огномет некогаш виден во вселената, си рече. И го направи. Штета што земјаните го протолкуваа како напад со најстрашното оружје што некогаш го виделе и уште пред да стигнат луѓето да објаснат, земјаните успеаа со артилерија и полесно оружје да го средат проблемот. Жителите на Земјата пак сакаа да прослават. Си направија огномет за кој сите зборуваа дека е најдобар до сега.
Tags: вонземјани, литература, луѓе, расказ






Нема Одговор
Одговори на овој пост: