Невидливи Луѓе
Расказов е првобитно објавен на 8 фев 2006 во точно 10:38 на страницата на Опасна Багра. Целта на овој краток расказ воопшто не беше литературна, а настана после една обемна дискусија во која никако не можев да докажам дека и овие луѓе се луѓе, дека не е нивна грешка што стигнале таму каде што стигнале, па пробав мојата поента да ја доловам на малку поинаков начин.
Посветено на сите оние кои се окулу нас, но никогаш не сакаме да ги забележиме.
Работеше во железара, барем работеше до денес, цели триесет и четири години, осум месеци и шестнаесет денови. Денес доби отказ, отказ после четири години одење во фабрика, четири изгубени години во лажни ветувања, во тапкања по рамо, четири години за кои работодавците не му ги плаќаа ниту придонесите, а камо ли да му дадат некоја пара за живот, освен понекогаш некоја илијадарка и пред избори две-три илијади. Како ќе ја погледне жена си, се прашуваше, но само за да не се запраша како ќе ја погледне малата ќеркичка, единствениот подарок кој го доби после многу години поминати во пробување. Како ќе ја погледене својата радост, како ќе ја нахрани, како… Не ни примети кога стигнал пред зградата во која што живееше со својата жена Донка, со својата шестгодишна ќеркичка Ана, на која веќе в лето ќе мора да и се купат тетратки, книги, моливи, линијари, чанта, и нешто нова облека ако даде господ. Зградата беше на неколку катови, сива, мрачна, со оддамна излупена боја и дополу излупен малтар од ѕидовите. Таванот прокиснуваше при секој дожд, но за среќа Филип живееше најдолу, онаму каде што водата неможеше да допре. Барем не од таванот. Од страните некогаш, знаеше, кога имаше јак ветар со дожд ѕидовите пропуштаа вода, се навлажнуваа, а потоа требаше да поминат понеколку денови, во зима и месеци додека сиот ѕид не се исуши. Влезе во влезот кој немаше врата, немаше домофони, а неретко и немаше светло. Застана пред вратата, се мислеше неколку минути, се префрлаше од нога на нога, за конечно да тропне, ѕвончето веќе одамна прегоре, а со парите кои би се потрошиле на ново можеше да се купи неколку литра млеко. Се слушнаа чекори, кои поради слабата изолација звучеа како да го отсликуваат одот на некој ѕвер, на некое огромно човечиште. Вратата се отвори, шарките чкрипнаа, жената го погледна брзо, сакаше да се сврти и да се врати на тоа што го беше работела, но застана, го погледна уште еднаш и загрижено праша: - Што се случило Филипе?
Ме отпуштија од работа. - промрморе.
- Требаше ти да си заминеш уште порано од таму, ти кажував. - го караше грубо, како жена што му кажала порано на својот маж. - Ти велев дека само лажат и ветуваат. Четири години потроши, и сега што доби за награда? - не ни остана да го чуе одговорот, него само се сврте и влезе во еднособниот стан. - Ајде да ручаме, Ана е прегладнета, а знаеш дека секогаш сака да те чека тебе за ручек.
- Знам. - одговори со насолзени очи и тивко, тивко, тивко…
- Татоооооооо! - го пречека радосен детски глас, и топла прегратка, која за миг го развесели, го натера да заборави на се.
* * *
- Сега можеме да разговараме.
- Излезе Ана?
- Да, отиде да си игра. Денес дојде Милан. Бараше да му ја платиме киријата. Му кажав да помине за недела дена.
- Ќе побарам работа уште утре.
- Гледај да најдеш.
- Јас ќе гледам, ама… - загрижено одговори.
- Ама што?
- Ама државава не ни цвета. Никој нема да сака да вработи педесет и девет годишен старец. Има толку млади што бараат работа, што… - застана. - Ќе пробам, мора да најдам работа. Неможе да живееме од социјална помош. Социјалната помош не стига ниту за струја да платиме.
- Можеби требаше да останам јас на работа.
- И што? Ќе работеше за џабе исто како и мене. Знаеш и сама дека и твојата фабрика, големиот металски завод тито, не помина ништо подобро. Ќе земаше како мене по илијада денари на секој втори месец, а понекогаш и две илијади, во зависно од тоа дали во скоро време има избори или не.
- Знам.
- Мора да најдам работа. Ќе не избрка Милан ако не. Мора да му платиме.
- Знам.
* * *
Недела дена подоцна.
Се плашеше дека ќе се случи токму тоа. Цела недела трчаше, одеше на сите огласи, одеше и таму каде што немаше огласи, но никој не сакаше да вработи педесет и девет годишен старец. Никој. Милан само што не дошол, а тој не знаеше што да му каже, што да го моли, што да го лаже, што…
Секунда, минута, десет минути, пола час, час како година, година како век, век…
Го расони тропањето на вратата, она нервозно, нестрпливо, досадно тропање на Милан, газдата кој дојде по својата кирија, по киријата што ја нема исто како што ја нема Железара, исто како што ги нема ниту тие драгоцени илијада денари месечно.
Милан влезе како во своја куќа и веднаш побара пари, но пари немаше. Не беше тоа разбран човек, не беше тоа човек. Еден ден им даде да се отселат, а потоа излезе, за понеколку минути да се слушне чкрипењето на гумите на новиот мерцедес чив сопственик беше.
Женаму го гледаше од аголот на собата, загрижено, бледо. - Што ќе правиме? Што ќе правиме? Што ќе правиме? - повторуваше тивко во себе, во бескрај, низ солзи и пригушен плач.
Седеше така долго време, му се чинеше цела вечност. Тивко стана, ја погледна женаси и и нареди: - Ти заминуваш кај твоите уште денес, јас ќе останам вечерва да средам нешто тука, а потоа ќе одам да барам работа.
- Но… Но неможам, неможам.
- Што неможеш? Мисли на Ана. Мораш, нема неможеш. Си одиш уште денес со Ана, а јас ќе најдам работа деновиве, од првата плата ќе изнајмам некој мал стан и ќе продолжиме со животот онаму каде што застанавме.
- Не можам, Филипе…
- Нема неможам. Мораш. Јави се кај твоите и почни да се пакуваш.
- Ти можеш да дојдеш со мене и Ана.
- Знаеш дека не сум во добри односи со твоите. Знаеш дека ме мрзат.
- Знам но…
- Нема но. Заминувате уште вечерва.
Разговорот заврши, Донка отиде немо да се пакува додека Филип пробуваше да си ги среди мислите, да проба да си ги среди мислите. Вратата повторно се отвори, шарките повторно чкрипнаа, а во ходникот се појави неговата радост, неговиот живот.
- Види тато, го надов ова на улица, што е тоа? - го прашуваше насмеано ангелско лице, кое штом подобро го погледна стана растревожено и жално. - Но тато, зошто плачеш?
* * *
Стана рано утрото, брзо нафрла се што имаше во еден куфер, стави да се вари дупло кафе за појадок, и жедно запали цигара. Не стигна ниту да го допие кафето кога дојде Милан. Му го фрли клучот без збор, и без збор излезе влечкајќи го куферот.
* * *
Никој не бараше педесет и девет годишни работници.
Никој.
* * *
Недела дена подоцна.
Го нервираше зараснатата брада, го нервираше мрсната коса, го нервираше потта, го нервираше проклетиот куфер. Застана, се погледна на светнатиот излог, и заклучи дека ако веќе сака да најде работа ќе мора да се избричи. Но каде? Каде?
Продолжи да оди, без цел, без правец, со милион мисли и со малку надеж. Застана пред фонтаната, се напи вода, си го изми лицето, и му дојде една идеја. Почна брзо да претура по куферот. Го најде. Си ја замачка мократа брада со сапунот и брзо претрча до паркингот отспротива, брзо пред да стигне да се исуши сапуницата. Уште побрзо го најде жилетот, сврте еден ретровизор кон себе и почна да ги струга влакната. Малку, па уште малку, уште малку, крв. Го шутна куферот, се смири и продолжи. За неполни десетина минути беше избричен но и на неколку места добро исечен. Го грабна куферот, се врати до фонтаната и се изми. - Епа добро, сега може да продолжиме со барање работа. - се утеши, си даде надеж, и продолжи.
* * *
Недела дена подоцна.
Цревата му кркореа, последните десет денари ги потроши вчера, за ѓеврек. Немаше сеуште најдено работа, а бараше, бараше, и бараше. Попусто. Никој не сака да вработи педесет и девет годишен старец. Никој.
* * *
Недела дена подоцна.
Го фрли желотот кој веќе одамна истапе. Се изми на фонтаната, се напи малку вода, го грабна куферот и продолжи кон плоштадот, кон центарот на градот, кој е центар на државата, на која држава се прашуваше. Држава без име, со еден куп невработени, со милион затворени фабрики, со илијадници технолошки вишоци, со… Куферот го нервираше. Немаше јадено веќе недела и нешто, освен некои остатоци од сендвичи кои ги беше собрал од кантите окулу сендвичарите во центарот на градот. Косата му беше премногу мрсна, телото премногу испотено, настинката премногу лоша. Се ближеше зима, но си повторуваше во себе со секој чекор, мора да најдам работа, мора да најдам работа, и нов чекор, мора да најдам работа, и нов чекор, мора да најдам работа, и нов чекор…
Стигна на плоштадот, седна на една клупа со мисла да одмори, но всушност дојде тука поради друго. Почека неколку часови пред да го здогледа првиот весник кој го фрли еден поминувач во една од кантите. Брзо стана, скоро во трк пристигна до кантата, го извади весникот. Денешен, помисли. Брзо ги пронајде огласите за работа. Но што сега? Треба да се јави на телефон, но од кој телефон, со кои пари. Пари, пари, пари, пари, пари, гледаше на секоја страница, во секој оглас, во секој телефонски број, во секоја буква. Пари.
И тогаш прв пат го забележа. Седеше на десетина метри од него, изнаоблечен во многу валкани алишта на себе, и неговите беа валкани но во споредба со неговите… тргна по својот куфер, за веднаш потоа да се врати до приликата и да седне веднаш до неа.
- Добар ден.
- Добар нека е, ама не е. - се сврте кон него, се насмевна покажувајќи ги ретките скоро црни заби. - Ти нов си а?
- Нов?!
- Гледам сеуште го влечеш куферот.
- И?
- Обично после месец дена го фрлаат или го делат со другите.
- Другите?
- Другите да… - застана како да ослушнува нешто. - Бездомниците.
- Не. - остро се спротистави. - Јас не сум бездомник, ова е само привремено, додека не најдам работа. - пробуваше да звучи уверливо.
- Знам, знам… Сеуште го влечеш куферот.
- Настапи непријатна пауза, минута, десет, час, кој би знаел.
- Како…
- …До пари?
- Како…
- …Знаев?
Го гледаше некое време неверувајќи за на крај тешко и болно да изусти. - Ми требаат за да се јавам на огласиве. - покажа на весникот.
Приликата се насмевна, побара нешто по џебовите, го најде тоа нешто и му го подаде на Филип. - Еве, стави ги на очи и гледај само во една точка. - подстана, извлече едно парче картон од под него и му го подаде. - Држи, ќе ти треба и ова.
- Но…
- …Но што? Не си слеп сакаш да кажеш?
Малку му одеше веќе на нерви овој тип на разговор кој го водеше со еден просјак, скитник, некој неважен, небитен, кој сепак успеваше да му ги чита мислите. - Не сум слеп, и несакам да се правам слеп.
- Сакаш ли пари за телефон?
- Сакам.
- Епа стави ги наочарите на глава и гледај во една точка, ако ги праташ со глава поминувачите ќе знаат дека не си слеп па нема да добиеш ниту денарче, со поглед можеш, нема никој да примети, само не заборавај да не ја мрдаш главата.
Неможам.
- Можеш, само не сакаш.
- Можам ама не сакам. - се сложи Филип.
- Епа во тој случај ќе морам да ти дадам јас сто денари. - повторно почна да пребарува по џебови, конечно после долго време извлече една згужвана, валкана банкнота и му ја подаде.
- Неможам…
- Аман човеку, земи ги парите и оди најди работа. - му подвикна, му ги тутна парите во раце, го потапка по рамо, му кажа дека ако не направи ништо покасно може да го најде на тоа и тоа место, и се понуди дури да му го причува и куферот.
- Незнам како да ти се заблагодарам.
- Оди најди работа. - процеди низ заби, барем низ оние ретки, црни заби кои му беа останале.
* * *
Еден ден подоцна.
Бездомикот сеуште седеше на истото место каде што го остави вчера, како да не се беше помрднал од тука, дури и куферот беше на истото место на кое што го остави. Во рацете носеше два ѓеврека.
- Ништо не направи а?
- Од каде знаеш? - се зачуди.
- Треба да си ја погледнеш фацата и ќе ти стане јасно.
- Ништо. Бев на седум места, но ништо. Сите бараат млади девојки или млади дечковци. Никој не сака педесет и девет годишен старец. - Му го подаде ѓеврекот. - Но…
- …Но ти останаа дваесет денари и реши да купиш два ѓеврека?
- Така некако. - повторно зачуден одговори Филип, брзо џваќајќи го ѓеврекот небаре е бут месо.
- Ајде, станувај. Ќе одиме да јадеме вистинска храна.
Час подоцна се наоѓаа позади еден расторан.
- Кај да е ќе му завршши смената. - објаснуваше. - Многу фино дете, работи како келнер и секој ден ми носи остатоци. Ми требаа неколку години додека да го пронајдам овој ресторан, ова дете. Обично ме бркаат од секаде, а храната што останува ја даваат на кучиња, како да нема гладни луѓе. - изгледаше задоволно додека раскажуваше.
Петнаесетина минути подоцна од ресторанот излезе едно момчќе со полна кеса отпадоци од храна која останала недојадена. Брзо се доближи до двајцата бездомници, срдечно се поздрави со двајцата, помина дел од патот со нив, а потоа со топли зборови се раздели од нив.
- Фино дете, ти реков. Ретки се таквите денес. - чепкаше со рака низ кесата за да закачи еден недојаден ражниќ. - Види, деликатеси. - се насмевна гледајќи наизменично во Филип и ражничот и кесата со храна. - Мешана скара.
На првата клупа седнаа, се најадоа, длабоко воздивнаа и двајцата, бездомникот го понуди со цигара, Филип ја прифати, ја стави во уста, ја запали и длабоко потегна од неа, го задржа димот колку може, а потоа брзо го издува димот. Му текна дека не ни знае како се вика човекот до него. - Како се викаш?
- Дејан. А ти?
- Филип.
Занемеа и двајцата, влечеа од цигарите, влечеа, влечеа…
* * *
Месец дена подоцна.
Во градскиот парк, близу поранешен Кермес, на една клупа седеа две фигури. И двајцата беа забрадени, неизмиени, полугладни, полупијани, и полусмрзнати.
- Дејан?
- Да.
- Никогаш не сум те прашал, како…
- …Како завршив вака?
- Да. - Филип веќе научи да му ги погаѓаат прашањата уште пред да ги постави, па ова веќе не го изненадуваше.
- Возев пијан… - кажа неволно, како приказна што не сака да биде раскажена. - Стоеден имав тогаш… Бев со жената и детето… Пијана будала… - му потекоа солзи од очите, дишењето му стана побрзо, пулсот сигурно беше урнебесен, барем ќе беше ако го измереше некој. - Пијана будала… - Филип веќе можеше да погоди. - Удрив Порше, и тоа единственото во градот… - срцето уште малку ќе му излеташе од градите. - Детето на место мртво… - си го покри лицето со валканите раце и со липање продолжи. - Жената почина во болница… и како да не беше тоа доста… за поршето ми отиде и станот… - се сврте го погледна Филип во очи, а овој се скамени, за прв пат го виде Дејан, човекот кој изгубил се што може да се изгуби, човекот кој за неколку минути го изгубил цел живот, се, се, се… Таа вечер не проговорија ништо повеќе.
* * *
Месец дена подоцна.
Филип од кантата го извади весникот фрлен пред неколку минути, се врати до Дејан и рече: - Денешен. - пролиста неколку страници набрзина, го собра под капутот, си ги протри рацете. - Викаат вечер ќе било минус седумнаесет.
- Треба да земеме ракија.
- Ракија?
- Да, ракија, за циркулација, за да не се смрзнеме.
- Дејан, никогаш не сум те прашал, како се презиваше.
- Што е тоа важно?
- Сакам да знам.
- Не сакаш да знаеш.
- Но сакам. - настојуваше Филип.
- Јаневски.
- Јаневски Дејан. - му звучеше познато, како да го знаел, како да чул, но каде, каде, каде… - Јаневски Дејан? - повторно праша.
- Да. Јаневски Дејан.
- Јаневски Дејан…ми звучи многу познато.
- Звучи секојдневно.
- Не, ми звучи многу познато, само од каде? - се прашуваше повеќе себе си отколку личноста до него.
Внаминието му го одвлече едно семејство, татко, макја, дете. Одеа брзо, поминаа точно пред нив, возрасните не ги ни погледнаа, додека детето гу шутна Дејан и им викна среќно на своите родители: - Клошар гнасен.
- Еј…
- Батали. Неговите се криви, тие го научиле така. Детето не е воопто криво, тоа само прави она што го научиле.
- Но…
- …Но тоа не е ок, а ти неможеш да направиш ништо што би ги сменило работите.
Со поглед го испрати семејството и долго потоа откако ги снема од видикот гледаше во тој правец. Наеднаш го удри гром од ведро небо. Стана и извика: - Па ти си Дејан Јаневски! Дејан Јаневски!
- Знам кој сум.
- Ти си првиот европеец кој што го преплива Ла Манш.
- И што сега?
- Но ти си првиот европеец кој го преплива Ла Манш.
- И?
- Само тоа имаш да кажеш, и? Ти си славен Дејане. Знаеш дека посакував да бидам ти во мојата младост. Ми беше идол некое време. Дејан Јаневски. Првиот европеец кој го преплива Ла Манш.
- И?
- Филип беше нервозен. Дејан знаеше понекогаш да го изнервира но ова беше врв. Не можеше да прифати ’и’ за одговор од Дејан Јаневски. - Но ти си Дејан Јаневски.
- Што сакаш да чуеш Филипе? Сакаш да ти кажам за колку време го препливав? Сакаш да знаеш дали беше тешко? Сакаш да знаеш што ми беше наградата? Сакаш да знаеш како стинав овде, не тоа ти го кажав веќе. Што?
- Тешко беше? - брзо праша, затоа што го знаеше времето, а не му текнуваше никое попаметно прашање од оние што ги слушна од Дејан.
- Не.
- Награда?
- Медал, позлатен. - Се фати за вратот, ја извади медалјата и му ја подаде. - Еве ти ја, не ми треба на мене.
- Неможам да ти ја земам.
- Ако не ја земеш ќе ја фрлам, не вреди ни колку кило ракија. Еднаш пробав да ја разменам за пари, тогаш незнав дека е само позлатена. - му ја пикна медаљата во рацете, кои отпрвин не сакаа да ја прифатат но потоа попуштија.
Филип воодушевено ја гледаше некое време, потоа станаа двајцата и тргнаа кон своето живеалиште, под отворено небо, под облаци, под ветар, под мраз. Додека се влечкаа полека Дејан само мрмореше: - Требаше да земеме ракија.
* * *
Полека се будеше, се размрдуваше, полека, полека почна да ги движи првин прстите потоа со нив да си го масира остатокот од телото, да се стопли, да протече крв во напола замрзнатото тело. Се сврте кон Дејан го размрда но овој беше заспал длабоко. Го протресе побрзо. Ништо. Побрзо. Ништо. Го фати паника. Брзо стана, увото го стави на неговата уста. Ништо. Почна панично брзо да му ги трие рацете, градите, нозете, лицето. Ништо. Пробуваше повторно, повторно, повторно, повторно. Ништо. Веќе го болеа рацете, веќе изгуби здив, солзи му течеа. Ништо.
Седна. Стана. Повторно седна. Стана. Тргна да пронајде полицаец да му каже што се случи. Ги шутираше сите корпи по пат.
Помина час кога до безживотното тело се врати со униформирано лице. Му го покажа медалот и му кажа: - Ова е Дејан Јаневски. Беше извонреден човек. - Потоа долго време инсистираше да биде закопан до изгубената жена, до изгубеното дете, за на крај со насолзени очи да замине во неодреден правец.
* * *
Пет години подоцна.
Филип седеше на истото место, на истото место каде што го запозна Дејан.
Вниманито му го привлече една жена со девојче кое весело ја прашуваше мајкаси нешто. Му застана грутка во грло. Проба да стане но му се пресекоа нозете, проба да каже нешто но немаше глас. Рацете му се тресеа, срцето му биеше силно, солзи почнаа да му течат од очите. Веќе се до него, ако пружи рака ќе може да ги допре.
Девојчето го шутна кога му дојде при нога и весело и извика на мајка си: - Клошар гнасен.
Tags: бездомник, бездомници, литература, луѓе, невидливи, расказ, скитник, скитници






1 Одговор
Lorren
Август 14th, 2011 во точно 21:31
Many many qlauity points there.
Одговори на овој пост: