Македонија, низ 4 очи

Четири текста во саботното издание на Дневник буквално ја урнаа медиумската блокада во средствата за јавно мислење.

Нека ми извинат авторите и Дневник за овој безобразен копи-пејст ама сметам дека ова треба да го прочита секој, а ако има само еден човек што ќе го прочита ова на овој блог тогаш овој копи-пејст се исплател.

Искрено, Дневник отсекогаш сум го сметал за најсериозен дневен весник, а во вакви времиња тоа и се докажува.

Секоја чест на авторите, пред се затоа што се воздржале од пцуење и користење на навредливи фрази. Јас веќе имам пишувано на оваа тема ама во поголем дел од текстовите викав: предавници, продадени души, про-бугари, про-грци, имбецили, кретени и слични придавки кои ја уништуваат поентата и ме дискредитираат меѓутоа на вака осетливи теми сум чуствителен, импулсивен и безобразен иако реално гледано мојата безобразност е 0 во споредба со нивното безобразно продавање на Македонија.

НИЕ ПРЕД БУКУРЕШТ: ДРАМАТИЧНО И НЕСЕРИОЗНО!

Распукала Шар Планина?

Димитар Мирчев (Авторот е професор на Универзитетот ФОН)

Се ми се чини дека и да се прифати компромис, проблемот со Грците не ќе биде решен. Навлечени сме на најтенкиот лед, а и тоа е некоја стратегија: ако се прифати Република Македонија (Скопје), божем меѓународната заедница и ние ќе бидеме на една страна, а Грците на - спротивната. Од каде тоа, не ми е јасно

Timeo Danaos et dona ferentes, им порачал Виргилиј на тројанците. Плашете се од Грците и дарови кога ви носат. Денес, би додале и - виа НАТО. Седумнаесетгодишниот спор на Македонците и Грците за нашето име, всушност за тоа што сме ние, како да влегува во некаква завршна фаза макар што е далеку од вистинскиот крај. Се’ ми се чини дека и да се прифати компромис, проблемот со Грците не ќе биде решен. Навлечени сме на најтенкиот лед, а и тоа е некоја стратегија: ако се прифати Република Македонија (Скопје), тогаш божем меѓународната заедница и ние ќе бидеме на една страна, а Грците на - спротивната. Од каде тоа, не ми е јасно. Затоа што Дора малку се намрштила и рекла дека таков компромис не ги задоволува? А два дена пред тоа, беше јавено дека силни членки на Унијата и на НАТО, Франција, Италија и многу други ја поддржувале Грција. Наеднаш сите тие, сосе Американците, наводно ќе ја молат Грција да прифати таков компромис. Нешто не ми се чини реално. Многу се плашам од тројанскиот коњ. Како и да е, три-четири дена пред Букурешт, не знаеме на што сме. Наводно, имало дури и можност на самиот самит во Букурешт да се договори компромисот. Чисто несериозно. Прво, никој наш орган, претседател, министер, премиер итн., нема ниту моќ, ниту надлежност ниту одговорност, на самитот, за еден ден да одлучува за компромиси или за каква и да е одлука. Второ, народните претставници би морале пред Букурешт да дадат рамка и мандат за каква и да е одлука. Да ја определат таа фамозна „црвена линија“. Засега не е најавена седница на народното претставништво. Можеби, полицијата ќе ги вади од кревет народните претставници в недела ноќта, по пижами, да се состанат, па да дадат рамка и мандат?А како и каква рамка и мандат за компромис ќе дадат народните претставници, кога 83 отсто од анкетираниот народ е против компромис и против какво и да е менување на името? Останатите 17 отсто - „не знаат“ или се „неопределени“. А изгледа, кај дијаспората тој процент е - 100 отсто. И тоа не враќа на домашен терен, каде што, изгледа Шар Планина помалку распука. Сите почнаа да се прават дипломати и експерти за преговарање, па си предлагаат компромиси и тоа во најразлични варијанти. Веројатно невротизирани од „пораките“ дека нема друга шанса, дека владее правилото - земи или остави, дека сме пред судбоносното: да се биде или да не се биде? Кој тоа им го влеа во главите, ниту мене не ми јасно. Во секој случај, ако 15 години преживеавме со кратенката БЈРМ, а сто и педесет години го зачувавме идентитетот, од каде сега фаталистичките пораки - или компромис за Букурешт или потоп?

Почна внатрешно лицитирање со компромисот. Според изјавите, четири од седумте досегашни надворешни министри се сега за компромис и промена на името. А додека беа министри, беа „бескомпромисни“. Разликата меѓу нив денес е - што е некој за Нова, некој за Горна, некој за Уставна, некој за Демократска Република Македонија. Двајца од парламентарните спикери досега се за компромиси и за менување на името. Додека беа „спикери“, беа бескомпромисни. Се сеќавам, а присуствував на некои нивни сеанси со странски делегации, како сериозно ги убедуваа и аргументираа дека не можеме да отстапиме од името Република Македонија, а за Грците- им нудиме да не’ викаат како сакаат, ако треба и - Република Лајно. Едниот спикер се согласува на компромис и на измена на името, ама никако не се согласува со измена на идентитетот. Вели: Без НАТО, стопати потешко ќе го сочуваме нашиот идентитет! Тоа значи, да си влеземе ние во НАТО со изменето име и идентитет, а потоа во НАТО ќе си го сочувуваме идентитетот. И згора на тоа, тие што истрајуваат на името и идентитетот, манипулираат со патриотизмот, а толку се извештерени со манипулациите, што убедиле дури 83 отсто од народот да биде против промените.Академијата е многу цврста по прашањето на името. До таа мерка цврста што објавиле дури и два документа на таа цврста линија. Инаку, академиците поединечно имаат различни предлози. Впрочем, како и порано - кога предлагаа територијална размена со Албанците. На пример, еден академик не’ убедува дека името Горна Македонија отсекогаш било присутно во науката. Најкомични се секако партиите. Каде побогат лов на поени од прашањето на името и на компромисот? Еден полуинтелигентен шеф на некоја од вмровските дисидентски партии, со сиот памет, изјавува на ТВ: Еве, на пример има Северна Кореја и Јужна Кореја и тоа не им пречи да бидат Корејци! Ептен точно. Има и Северна Каролина и Јужна Каролина, и тоа не им пречи да бидат Американци… Но, опозицијата е тука поиндикативна. Албанската вели: Да, многу убаво, Нова Македонија! Исто како и Бугарите. Новата Македонија, како вештачка творба, токму убаво ќе си ја исподелат.Па, сепак, врв на комиката се овие од СДСМ. Николче Поповски ќе удри со срам и резил по премиерот и по бандата што сакаат да ни го променат името и идентитетот, а не го споменуваат во бандата и претседателот, бидејќи овој изјавува дека со премиерот се единствени, а се разликуваат само - тактички и фундаментално. „Дрште лопова“, ќе извика Николче и ќе подготви три сценарија за по Букурешт. Партијата им е на линија на народот, а народот не сака промени. А до минатата недела, правеа комбинации за растур на владејачката коалиција и за ново парламентарно мнозинство и за влада под сенка, што ќе ја внесе Македонија во НАТО. Бучковски е за експертска влада. Експертската влада не понесува никаква одговорност, па и кога се промени името. Извинете, ние бевме само „експерти“. Иста таква е и владата на „големата коалиција“. И за кризата во 2001 не поднесоа никаква одговорност. За Љубчо, не сакам ниту да коментирам, бидејќи Бугарите овде имаат само фолклорно-симболично значење. Најгласни се, меѓутоа, критичарите на Глигоров. Веќе петнаесет години кукаат како Глигоров ни го промени името во БЈРМ, а денес, разбирајќи го европскиот тренд, предлагаат барем пет прифатливи варијанти за како самите да си го промениме името. Јас сум сепак за тоа да не го прифатиме грчкиот подарок, па нека носи и панделка на НАТО. Сепак, Шар Планина не распука толку многу.


ИМЕТО И ЕКСПЕРТИТЕ

Силувана држава

Милан Банов (Авторот е новинар)

Сосем јасно може да се препознае анационалноста на веќе споменатата булумента „загрижени“ стручњаци, чии ставови, барем јас лично, не ги разликувам премногу од оние што доаѓаат од страната на нашиот јужен сосед

Со бездруго досега невидена медиумска пресија и од само ним познати причини, многумина квазианалитичари, параексперти и стручњаци со и без наводници на нашето влегување во НАТО му го подредија македонскиот национален идентитет, кој наеднаш стана нешто небитно, потценето, анахроно и во длабока спротивност со европските и светските перспективи на Република Македонија. И сега навистина не би сакал да навлегувам во личните мотиви на овие правоверни НАТО-посленици кои со невидена леснотија го менуваа (и менуваат) уставното име на државата, ниту пак ми паѓа на памет да ги ставам во редот на петтата колона или да ги именувам како платеници и предавници. Но независно од тоа; независно што во нивниот антимакедонски порив не сакам да ги препознаам и не им ги додавам срамните атрибути, сепак, останува тажниот факт за една стравична анационална кампања во која најмалку или дури и никако не се водеше сметка за интересите на државата и народот.

Во сиве овие денови на бунило, низ еден јазичен галиматијас, на Македонија бесрамно и’ се изнаредија погоре споменатите експерти, универзитетски професори, академици, политичари, невладини аналитичари, новинари, силувајќи ја и обесчестувајќи ја сопствената земја, при што од вештачки поставената дилема - НАТО или името - заложбите и определбите одеа кон првото, зашто, нели, од тоа зависела судбината и опстанокот на Македонија. Меѓутоа, во сиот тој напати манипулативен обид за заблудување на јавноста, случајно или намерно, нешто е сепак заборавено. Пренебрегната е истата таа јавност, граѓаните на Република Македонија, нивниот глас и непомирлив став за неменување на името на државата. Или, поинаку кажано, експертиве ги забошотуваат оние 83 проценти граѓани кои на прашањето: „Дали сте за промена на уставното име за да влеземе во НАТО“ јасно, гласно и бескомпромисно велат - не! И кога е тоа така, веќе не би требало да има сомнение дека станува неприменлива и нефункционална математиката според која ист толкав процент граѓани (сега можеби и намален) недвосмислено се определуваат за нашето интегрирање во евроатланските структури, зашто, ќе признаете, истоветноста на процентот не ги антагонизира бројките, сеедно од нечија „стручна“ упорност тоа да го прикаже на тој начин. Значи, да нема недоразбирање, никој не е против влегувањето во НАТО и ЕУ и на овдешната популација и без медиумско-папагалското повторување на постојано истите ликови, чија инфлаторна појавност оправдано ви го носи стравот да не излезат уште и од вашите фрижидери и фритези, ни се апсолутно јасни бенефитите од македонското интегрирање во овие структури. Но, таа желба и настојување и тој, би рекол, општонароден консензус автоматски не претпоставува откажување од името и доброволно напуштање на националниот идентитет и на самиот себеси. Оттука, тешко дека може да се дефинираат поинаку од бедни, потценувачки и понижувачки обидите на збирштината „експерти“ кои со Сизифовска упорност ја туркаат тезата за неопходноста од компромис (читај: промена на уставното име и губење на идентитетот) кој би ни обезбедил влез во алијансата, а би ги спречиле катастофичните последици по Македонија, апокалипсата што и’ се заканува и би го обезбедил нејзиниот натамошен опстанок.Објективно, за да се докаже глупавоста на тезата не е неопходна поширока елаборација, освен можеби потсетувањето дека Република Македонија и досега не беше членка на НАТО (како што впрочем не се и најголемиот број држави во светот), па нешто не гледам дека не функционира, дека пропаднала и ја снемало од картата на светот. Затоа, пак, сосем јасно може да се препознае анационалноста на веќе споменатата булумента „загрижени“ стручњаци, чии ставови, барем јас лично, не ги разликувам премногу од оние што доаѓаат од страната на нашиот јужен сосед. Истовремено, покрај очигледниот обид да се измеси и моделира јавното мислење според сопствениот (којзнае, можеби и нечиј туѓ) вкус, без особен напор може да се забележи и бесрамниот обид да се потцени сопствениот народ, кој овие набедени интелектуалци, скрибомани, лицемери и суетно обременети луѓе јавно го прогласија за нерационален, неук и недоветен. И веќе сега ги гледам по 4 април, по речиси извесното грчко вето за нашиот прием во НАТО, како повторно дидактички го креваат прстот, уверувајќи не’ колку биле во право кога се однесувале бесрамно.

ТУРБУЛЕНТНИ ГОДИНИ

Дестабилизации и државничка проституција

Вело П.Марковски (Авторот е лекар-инфектолог)

Како главен аргумент сега се користи ставот на многу „интелектуалци“. Како десетината најгласни интелектуалци и неколку антидржавни медиуми може да бидат замена за целиот демократски систем на една држава. Има ли право кој било да зборува од името на милиони живи, умрени и неродени Македонци

Роден сум во 1958 година, како Македонец, во Р. Македонија држава што како федерална единка веќе постоеше во ОН. Ако Грција која по 1970 година почна да го употребува името Македонија (претходно имаше забрана за такво нешто) мислела да стекне авторско право на името Македонија, требало да го бара тогаш. Сега со специјална војна и невидена агресивност, со помош на јаки пријатели сака да изврши невиден геноцид и да обезличи 2 милиона Македонци во Македонија и уште 3-4 милиони надвор од неа. Дали следниот чекор на Грција ќе биде барањето да си го сменат името повеќе од 30 града во светот со името Александрија, а во следната фаза да си го сменат името сите што се викаат Александар, Александра, Филип … Нашите лидери се жалат дека немаме стратегија (ако некој друг беше премиер и претседател 11 години можеби ќе имавме стратегија). Изненадува со каква леснотија тие се здружуваат во поразот на политиката што ја водат и бараат солидарност и поделба на одговорноста. Како главен аргумент сега се користи ставот на многу „интелектуалци“. Како десетината најгласни интелектуалци и неколку антидржавни медиуми може да бидат замена за целиот демократски систем на една држава. Има ли право кој било да зборува од името на милиони живи, умрени и неродени Македонци. Во овие 18 години од самостојноста на Македонија се случија десетина дестабилизации на државата и многу елиминации на поединци од политичкиот живот (некои од нив и физички елиминирани). Во исто време постојат сили што се трудат да ја одржат Македонија како стабилна самостојна држава. Во првиот случај дестабилизациите се планирани однадвор, а спроведени со голема помош од внатре. За мене се’ уште е нејасно кои сили ја држат Македонија, но помош од внатре не добиваат многу. Дестабилизациите почнаа веднаш по првите самостојни избори, кога не и’ се даде мандат за формирање влада на победничката партија. Беше формирана експертска влада, која, за среќа, се покажа како одговорна влада, со доволно мудрост и чувство за остварување на виталните елементи за функционирањето на една самостојна држава. Иако со многу тешкотии и во присуство на ЈНА (една од најмоќните армии во светот) и многу федерални служби Владата не потклекна и чекор по чекор (со помош на Претседателот на државата и Парламентот) ја водеше државата по вистинскиот пат.

Првата голема дестабилизација на Македонија се случи за време на таа влада со блокадата од страна на Грција. Покрај другото се побараа интервенции во Уставот и промена на знамето. Понатаму откако се виде дека таа влада ќе ги зацврсти темелите и ќе ја зајакне државата се премина кон рушење на владата (тивок пуч) со недоволен број пратеници, односно на легално избрана влада и се побара повторно да обезбеди доверба од 61 пратеник, а не 61 пратеник да обезбеди иницијаторот за интерпелацијата.Следната голема дестабилизација на Македонија (воедно и елиминација) се случи со атентатот на претседателот Глигоров.Дали признавањето на Тајван е една голема авантура или следна планирана дестабилизација? Излегувањето на Демократската алтернатива од владата (без никаква причина една партија не излегува од влада кога има повеќе министерски и директорски места од партиски членови), и во исто време обидот на Стојменов да ја распадне владејачката партија е заеднички чекор, кој доведе владата да зависи од еден пратеник. Ова понатаму е вовед во владината криза и вовед во таканаречената војна во 2001 година со која конечно и’ се направи поголема штета на Македонија. И тогаш како сега по истото сценарио и исти актери (истите тие што не’ убедуваа дека треба да влеземе во ОН со името ПЈРМ, што ќе трае само 3 месеци, кои од името на народот беа гласноговорници да го смениме знамето) од медиум на медиум секојдневно му переа мозок на народот дека тешко е, ама се мора, нема друго решение, да го смениме уставот, тоа ќе биде последна отстапка пред приемот во НАТО и во ЕУ. И сега со многубројни тези и антитези ставајќи во игра и војна, и федерализација и крај на светот група новинари во неколку медиуми што со професионалност и објективност стекнуваат доверба кај гледачите за во пресудни моменти таа доверба да ја злоупотребат и директно помагаат за дестабилизацијата на државата, од петни жили запнуваат да направат комплетна конфузија.Пред некој ден гледав трибина на „Канал 5“, во која беа собрани едномисленици на кои малку им е што последниве два месеца секој ден пишуваат за придобивките од промената на името, туку мораа и преку телевизија да покажат колку им е тешко, да се чудат како може да има некој што не сака да се смени името. Измешаа баби и жаби, не’ плашеа со се’ и сешто: со војна, со федерализација, со економска пропаст, господинот Ким се закани дури дека повеќе нема да пишува колумни во Македонија. Не знам којпат и со кое право изнесува ставови од името на сите Албанци од Македонија (лично познавам многу Албанци, имам многу пријатели меѓу нив и никогаш не почувствував дека немаат свој став и свое мислење за која било тема, па не верувам дека кој било може да зборува од името на сите нив). Господинот Чашуле не’ нарекуваше лажни патриоти сите нас што сме за минимум национално достоинство во процесот на евроинтеграциите на Македонија, дури прифати за себе привремен жртвен статус на предавник (додека не видиме колку бил далекувид и не почнеме да го славиме како месија). Да се биде предавник треба да се заслужи, тоа е човек што имал идеали и верба, која од разни причини, понекогаш трагични и со закана за сопствената или егзистенцијата на своите најблиски се решава на таков предавнички чин. Немојте да се споредувате со овие понекогаш трагични луѓе вие кои своите ставови ги менувате по потреба со цел да добиете одредени материјални или статусни придобивки.

Господине Геровски, демократско право е секој своето мислење да го искаже јавно, но секојдневно упорно наметнување свој став е во најмала рака безобразно, а во исто време е злоупотреба на функцијата што ја имате во дневникот „Шпиц“. Ако на секојдневните бомбардирањата во вашиот дневен весник им дававте доволно простор и на луѓе со поинакво мислење од Вашето, ќе верував во Вашите чесни намери. Од друга страна, не верувам во бесплатно делење на 100.000 пропагандни листа. Тоа сигурно некој го плаќа.Имаат ли право тие што не се чувствуваат како Македонци да ја водат државата и да преговараат за името (тие со бугарски пасоши се веќе и во НАТО и во ЕУ). Нека не’ остават сами да се избориме за тоа. Дали некоја партија на последните избори излезе со програма за влез во НАТО по цена на промена на името и други отстапки. Ги прашувам државните институции задолжени за безбедноста, државниот интегритет, уставниот поредок (обвинителството, државна безбедност) не гледаат ли елементи на велепредавство меѓу луѓето (истите па истите) што во овие 17 години учествуваа во повеќето од гореспоменатите дестабилизации и елиминации?

НАЈНОВА ГРЧКА ИЗМАМА
Транскрипција само на арапско писмо

Ристо Никовски (Авторот е дипломат)

Наша недвосмислена стратегиска цел е да бидеме поканети во НАТО. Но, цената никако не смее да биде превисока. И да не дојде покана од Букурешт, на нашата земја не и’ се заканува никаква (само)изолација. Сите такви најави се чист политички блеф, а кога доаѓаат од странски партнери, директна уцена

Стара е изреката дека треба да се чуваш од Грците и кога ти носат дарови. Деновиве, кога наметнатиот спор за името кулминира, грчката страна излегува со нова лага дека тие ни „подариле согласност“ во името да ни остане зборот Македонија! Тоа не е ниту може да биде некаква отстапка. Точно е дека Грција, без апсолутно никаква основа, со сите сили настојуваше да ни го забрани користењето на зборот Македонија. Во тоа ја имаше дури и поддршката на ЕУ, на нејзин голем срам (Лисабонската декларација). Со исфрлањето на терминот Македонија, Грција ја постигнуваше својата цел - нема Македонија, нема Македонци. Познато е, меѓутоа, дека РМ е единствена држава која со целата своја територија е ситуирана во регионот Македонија, додека Грција со околу 27 отсто од својата територија лежи во истиот регион, а Бугарија со уште помалку. Заради тоа, и помислата за некаква грчка ексклузивност и забрана за наше користење на терминот Македонија, беше едноставно - апсурдна. Грција бргу сфати дека тоа не може да помине и ја промени тактиката. Демек, ни го „дозволува“ зборот Македонија во името и сега тоа го валоризира како нивна врвна флексибилност која треба, нели, ние да ја платиме. Во што е поентата? Откако увиде дека првата опција не врви, Грција премина на оспорување на значењето на нашето име и почна процес на негово редефинирање. Во таа насока го насочи и посредништвото! Посредникот се концентрира на подготвување пакет со кој поимот Македонија може да има само географско значење. Оваа клучна трансформација на самиот процес и на улогата на посредникот се реализира, како изгледа, без соодветна наша реакција? Ние дозволивме посредникот да одредува дека името не може да рефлектира на нацијата, јазикот, културата, историјата… На доматите, евентуално. Со овој приод, посредникот целосно излезе од мандатот: наместо да работи на надминување на разликата околу името, предвидено со резолуцијата на ООН, почна да ја обработува неговата содржина, настојувајќи на секој начин да спречи тоа да го дефинира националниот идентитет на македонскиот народ. Иако звучи неверојатно, Нимиц предлагаше (и предлага!) кирилицата на името да ја транскрибираме во бесмислена латиница. Значи, „огромната“ грчка отстапка е: го „дозволуваме“ зборот Македонија само тој не смее ништо да значи и нема никаква врска со националниот идентитет.

Меѓународните фактори сигурно високо ја ценат грчката „широкоградост“ што ни „дозволува“ да го користиме терминот Македонија. Затоа ние мора итно да им ја елаборираме најновата грчка измама. Класична е приказната на богаташот Лацис. Како дете, на крајот од школската година, тој имал единица по математика. Пред поделбата на свидетелствата, отишол кај учителот и му однел голема мисирка. Му рекол дека татко му многу го поздравува и го моли да му помогне. Утредента, во свидетелството, единицата мутирала во двојка. Вечерта, тој повторно отишол кај учителот и плачејќи му рекол дека татко му забележал дека ја нема мисирката и дека ако не ја врати, ќе биде избркан од дома! Звучи познато, нели: и двојка и мисирка?Претседателот Буш е апсолутно во право - проблемот е решлив! Впрочем, во светот нема нерешлив проблем, почнувајќи од Блискиот Исток, сите може да се решат за многу кратко време. Единствено прашање е кој и какви отстапки ќе (мора да) даде. Во конкретниов случај, стравувањето е дека тие (главно) ќе се бараат од нас.

Во најновата ситуација (која е неповолна за нас), кога ќе дојде до (нова) средба на министрите за надворешни работи на двете земји, исклучително е важно да не бидеме во дефанзива. Би било добро, на самиот почеток на следната средба, Милошоски да ја праша Бакојани: со цел што полесно да дојдеме до некаков компромис, Ве молам а) прецизно да ги елаборирате аргументите, причините, стравувањата… поради кои ја барате промената на историското и уставно име на нашата држава и б) дали Вие и Вашата држава прифаќате/признавате/знаете… дека постои издвоен македонски национален идентитет односно македонска нација? Тоа би ја зајакнало нашата преговарачка позиција што е важно во вакви тешки моменти. Ние сме жртва на грчката агресивна националистичка политика, која е далеку од европските демократски достигања, и затоа секоја дефанзива ни ги скратува и така малобројните опции.Загрижува оценката на Н. Димитров дека „влогот е стравотно голем“! Тоа го отвора прашањето дали е тој преговарач или навивач? Наша недвосмислена стратегиска цел е да бидеме поканети во НАТО и сите напори се прават во таа насока. Но, цената никако не смее да биде превисока. Во секој случај, и да не дојде покана од Букурешт, на нашата земја не и’ се заканува никаква (само)изолација. Сите такви најави се чист политички блеф, а кога доаѓаат од странски партнери, директна уцена. Застрашувањата, сега НАТО или (речиси) никогаш, дека неповратно се губи историска шанса, се чиста манипулација на јавноста. Нашите изјави дека без НАТО земјата нема (никаква) перспектива, се во најмала рака неодговорни бидејќи се крајно штетни за нашите интереси. Тие директно ги тераат инвеститорите. Без покана, веројатно некои (значајни) погодности нема веднаш да се манифестираат, но земјата, без никаков сомнеж, ќе продолжи нормално да живее и да се развива. Впрочем, и членство во НАТО и во ЕУ нема преку ноќ да ни ги реши проблемите. Зар Бугарите и Романците живеат (многу) подобро отколку пред приемот? Нема никакви индикации ниту реални можности за безбедносно загрозување на нашата земја, а, не дај Боже, тоа и да се случи, зарем НАТО, САД и ЕУ ќе останат рамнодушни, без оглед што би биле надвор од алијансата? Урнисувањето на земјата е возможно само однатре (2001) и тоа не може да се случи без поддршка на (нај)важен меѓународен фактор. НАТО не дава никаква гаранција за такви случаи. Зарем немало (тешки) оружени инциденти меѓу членки на алијансата? Дури во случај да останеме без покана, и НАТО и ЕУ максимално ќе настојуваат тоа да ни го компензираат бидејќи ќе бидат свесни дека виновник е - Грција. Тие точно знаат дека ние сме во право, но политиката ја диктираат интересите. Битен факт е дека интегрирањето на РМ во НАТО е нивни нагласен интерес бидејќи без нас нема целосна консолидација на ЈИЕ. На таа карта мора нагласено да играме.Но, ако сега ни го скршат ‘рбетот, засекогаш остануваме инвалиди.Господа од НАТО, ние од се’ срце сакаме да станеме членка и даваме голема помош во вашите (и наши!) мисии, но не ни одговарајте со уцени заради нечии политички хирови. Уцената е криминален деликт.И, да не забораваме: нашиот клучен интерес е ЕУ, а не НАТО, чија улога и потреба, во денешни услови, на одреден начин се релативизирани. Всушност, со нашето членство во НАТО се зголемуваат нашите обврски и трошоци, но тоа е значаен и неспорен чекор кон ЕУ. Членството во ЕУ, од друга страна, освен обврски носи широки бенефиции и огромни претпристапни средства за суштински и длабоки реформи преку кои директно се подобруваат условите за живот на секој поединец. Затоа, паралелно со НАТО, сите сили мора да ги концентрираме на ЕУ-агендата која единствена нуди перспектива и долгорочен излез од нашата беда и сиромаштија. Не само материјална.Ако веќе ни се наметнува бесмислена транскрипција на кирилицата, мора да се избориме тоа да биде на арапско писмо. Арапите велат - Македонија.

Tags: , , , , , ,

Нема Одговор

Одговори на овој пост:

Име *

Епошта *

URL