Лојална конкуренција

Денес прв пат видов македонски весник меѓутоа на англиски јазик. Ме зачуди затоа што не ни помислував дека во државава ни наша може да постои дневен весник на англиски јазик. За поздрав е таа иницијатива и ја имаат мојата целосна поддршка. Штета што не обрнав внимание на името затоа што нешто друго ме преокупира.

Денес прв пат го видов огласот на нашата влада „Инвестирај во Македонија“ или како што го пишуваше Invest in Macedonia. Беше на последната надворешна страница на весникот кој прв пат го видов. И беше запрепастувачки. Прво беше запрепастувачки за мене затоа што овој оглас постои веќе долго време, а јас ете сум никогаш не сум се потрудил да прочитам што се им нуди Македонија на инвеститорите. Иронично едно време дури го имав и нивниот сајт, поточно банер на мојот блог.

Прво нешто што ми падна во очи беше еден коридор кој не постои, и една железничка која не постои. Како со лажење ќе привлечеме странски инвестиции не ми е јасно (не дека во криза некој ќе дотрча кај нас ама ај). Меѓутоа после ова и не толку лошо подлажување ми се ококорија очите кога ги прочитав двата кратки редови текст кои сосема ме спружија на земја оставајќи ме да се борам за воздух. Што поѓаволите? Почнав да размилувам како што секогаш правам кога ќе забележам нешто што не ми штима. Од размислување наеднаш преминав во стадиум на неверба, за на крај да морам да препрочитувам повторно тешејќи се дека најверојатно грешно сум прочитал пред се поради недостаток на сон изминатата вечер. Не. Речениците беа сосема исти. Гласеа вака: „Данок на добивка 0% во првите 10 години“ и следната гласеше вака „Персонален данок од 5 % во првите 5 години“. Ги прочитав уште неколку пати. Не. Дефинитивно не станува збор за грешка.

Веднаш сковав план. Како и секој македонец имам во фамилија некој странец, да не кажам „печалбар“ кој заминал оддамна, таму имал деца кои сега во Македонија важат за странци. Ќе се јавам јас кај роднините ми, ќе ги натерам да „инвестираат“ во Македонија. Се што треба е да отворат фирма. Потоа јас ќе си работам, државата нема да зема од мене данок 10 години и ќе имам дупло помал персонален данок за плаќање во наредните 5 години. На роднините ми за помошта и услугата ќе им дадам 4 % од добивката во наредните 10 години. Тоа е помалку од она што ми го бара државата сега како македонец. Понатаму, ќе почнам да работам со било што и ќе бидам во предност. За почеток ќе бидам поефтин од конкуренцијата, поточно од македонската конкуренција. Ќе бидам поефтин за цели 6 % од македонските инвеститори што ми дава предност на пазарот. Да тоа значи дека вкупно пак ќе платам 10 % но не е баш така. Парите дадени за државата се помош за неа. Јас неа нема да ја помагам. Нема да им помагам ниту на македонските фирми затоа што ќе бидам поефтин и поконкурентен од нив. Ќе си помагам на себе и на роднините ми, од странство. Тие ќе бидат заведени како странска инвестиција, па и владата ќе се офајди малку од сето тоа - ќе можат да се пофалат дека нашле странски инвеститор. Кој не е баш странски и кој создава нелојална конкуренција, кој е на штета на буџетот, на останатите фирми во дејноста, како и на државата општо. Ама кој да се грижи за државата кога јас можам на чесен начин да си заработам пари, да ја уништам конкуренцијата и со малку среќа да си обезбедам монопол кој после истекот на тие 10 години привилегии и нема да страда многу затоа што конкуренција и ќе нема. Цените ќе пораснат, народот ќе осиромаши, владата ќе почне да собира данок.

Се ќе си дојде на место.

Исто како пред 10 години.

И потоа пак…

Tags: , , , , , , ,

Нема Одговор

Одговори на овој пост:

Име *

Епошта *

URL