Изгубени во преводот
Многу пати сум повторил и еве сега ќе повторам пак: „Научната фантастика како литература (зборам за онаа подобрата) ја опишува денешницата, поточно времето во кое е напишана.“ Најголемата грешка на луѓето е тоа што ја гледаат како фантазија.
Еве неколку реченици од предговорот на една научно фантастична книга:
„Предвидување не е работа на писателите. Тие не предвидуваат. Единствено што тие пробуваат да направат е да ви кажат какви се тие и какви сте вие - што се случува - какво е времето сега, во овој миг, дожд, сончев сјај, погледајте! Отворете ги очите: слушајте, слушате. Тоа го кажуваат писателите.“
„Вистината против светот! - Да. Секако. Писателите на фикција, барем во своите најхрабри мигови, тежнеат кон вистината; да ја дознаат, говорат, предочат. Ама тие и проѓаат на необичен и заобиколен начин, кој се состои од измислувања на личности, места и настани кои никогаш не постоеле ниту ќе постојат, и детално опишување на овии фикции со голема доза емицоја, и кога ќе завршат со запишување на овој куп лаги, викаат, Еве! Ова е вистината!“
„Оваа книга не е за иднината. Да почнува објавувајќи дека се случува во екуменската година 1940-97 ама сигурно не верувате во тоа?“
„Целата фантазија е метафора. Научната фантазија е метафора.“
Урсула ле Гвин „Левата рака на темнината“
Да продолжам понатаму со постов.
Што тоа значи? 1984 од Орвел не е книга за наводни предвидувања кои можеле да се пристигнат во 1984 година. 1984 не е фантазија. Таа книга само начин преку метафора авторот да каже што мисли за системот, поточно различните системи кои владеат на земјата во времето кога ја пишувал. Во тоа време имало фашизам, комунизам и капитализам. Сите три ги опишал како тоталитаристички. Зарем не е така? Во книгата власта ја користи војната за одземање слободи. Така било. Така е и сега. Видете го САД, Британија. Зарем не одземаа слободи на граѓаните поради војната против теророт? Одземаа. Сето тоа така било тогаш. Ништо не се сменило.
Секако најзастепено толкување за книгата е дека Орвел го критикува социјалзмот, или пак социјализмот, фашизмот и социјалистичката партија во Англија. Никако капиталзмот. Нормално е дека капитализмот не сака да биде изложен на таква критика. Токму затоа нема никаде на интернет да прочитате дека оваа книга го критикува и капитализмот, освен ако не знаете да читате руски или кинески, на такви страници може и да најдете нешто.
Интересно, кога станува збор за книгата на Земјатин „Ние“ тогаш на цел запад му е јасно за што збори Земјатин. Тоа е научно фантастична книга ама е метафора за животот на Земјатин во Русија, таа книга е критика за социјализмот, за цензурата во Русија итн.
Мене ме интересира како тоа книгите од Русија се критика на Русија додека книгите кои потекнуваат од западот повторно се критика на Русија или некои други земји каде што не владее капитализам. Чудно како сите други автори во светот книгите ги пишуваат од сопствено искуство додека оние капиталистичките автори никогаш не пишуваат за државите во кои живеат што би се рекло од сопствено искуство, за она што го виделе во соптвените капиталистички држави.
Логиката на капиталистите кога ќе излезе книга која го критикува системот е сладенава: Сите капиталистички автори пишуваат за други некапиталистички држави, додека сите автори од некапиталистички држави пишуваат за своите држави.
Ниту Хаксли не ја напиша „Храбар Нов Свет“ за капитализмот. И тој според западот пишуваше за некоја друга држава, од искуства кои ги забележал којзнае каде. Поточно според капиталистите Хаксли не пишува за никоја држава. Ниту критикува било кој систем. Тоа е чиста научна фантастика. Човекот имал фантазија и си пишувал нешто. Ама најблиску е до комунизмот. Комунизмот е таков.
Понекогаш некој треба и да загине после пишување на такви книги во капитализмот. Орвел си умре неколку месеци после објавувањето на 1984. И види чудо после неговата смрт и писмо пронајдоа. Имено тој во писмото самиот си напишал дека не критикувал ништо во Англија. Си критикувал само комунизам и фашизам и ништо друго. Чудно како додека бил жив никаде не кажал ништо за ова. Само откако мистеризно умре се пронајде некое писмо.
Ете така да си знаете. Сите книги од капитализмот кои го критикуваат системот се однесуваат на комунизам, додека сите книги од комунизмот се повторно за комунизам. Потоа сите автори од комунистички држави се инспирирани од сопствеи искуства од земјата во која живеат додека сите автори од капитализмот се инспирирани од туѓи искуства од луѓе кои живееле во комунизам.
На крај ќе завршам со краток извадок од една исто така грешно анализирана книга, пред се затоа што го изедначува капитализмот со фашизам.
Текстов е изваден само четири страници пред крајот на книгата:
„Во шест и петѕнаесет навечер ја дочита книгата. Се прашувам дали Џо стигна до крајот на книгава? се мислеше. Во неа има толку многу повеќе од она што тој го сфатил. Што сакаше авторот да каже? Ништо за својот кобајаги свет. Дали сум единствената која знае? Се кладам дека сум; никој друг стварно не ја разбира книгава освен мене - само си мислат дека разбираат.“
Овој ивадок е од “Човекот во високиот дворец“ од Филип К. Дик кој какои сите добри автори само користи метафора да ја опише сегашноста во која живее. Не случано дејството на книгата се случува во исто време кога е книгата напишана (1962 година). Размислете малку, што е разликата во угнетување на евреи и црнци? Едните биле похумани па не ги гореле и убивале. Но и едните и другите биле злобни кон една раса. Само ако некое зло е поголемо од друго зло не значи дека помалото зло не е зло. Зарем не е фашистички да гледаш една цела раса луѓе (црнците) како неспособна, неважна. Зарем белците во САД не се гледале како надлуѓе во споредба со црнците? Нели е тоа фашистички.
Филип К. Дик во таа книга збори за светот, особено САД во 1962. Користи метафора секако. Само затоа што дејството го сместил во алтернативна сегашност не значи дека не ја опишува сегашноста (1962 му била сегашност во тоа време) што ја доживува. потсетете се на зборовите на Урсула: „Оваа книга не е за иднината. Да почнува објавувајќи дека се случува во екуменската година 1940-97 ама сигурно не верувате во тоа?“. Таа реченица за книгата на Филип може да изгледа вака: „Оваа книга не е за алтернативна сегашност. Да почнува објавувајќи дека се случува во алтернативна сегашност каде фашистите победиле ама сигурно не верувате во тоа?“
Tags: 1984, автори, капитализам, книги, комунизам, литература, орвел, писател, писатели, роман, романи






Нема Одговор
Одговори на овој пост: